Василичарски огнови синоќа пламнаа низ повеќето скопски општини. Се пиеше греано вино и ракија, се кршеше погача и со песна и оро беше дочекана Старата Нова година!
- И оваа година се собравме во Бутел 2 да ја продолжиме традицијата со палењето на василичарскиот оган. Традицонално свештените лица ја осветија погачата и се помолија за здравје и бериќет. Да ја чуваме и негуваме традицијата! - соопшти градоначалникот на Бутел Дарко Костовски.
Ррадиционална Василичарска прослава имаше и во населбата Даме Груев, во скопско Ѓорче.
- Овој настан беше исполнет со масовно присуство, дух на заедништво и топлина што ја обединува нашата заедница. Со благослов и желби за подобро здравје и успех за сите, го дочекавме овој значаен празник, кој го слави животот, традицијата и иднината, сподели градоначалникот Александар Стојкоски.
Во Аеродром, по 29. пат се одржуваа Мичуринските средби. Оваа година паричката се падна кај мичуринката Билјана Николова, која следната година ќе биде кума на овој традиционален настан. Покрај топлиот оган и во добра македонска музика уживаат голем број аеродромци, како и граѓани од сите делови на Скопје. Настанот беше збогатен и со спектакуларен огномет, на кој најмногу се израдуваа најмладите посетители.
Вечерва Василица ќе се слави на Боемска улица во Дебар Маало.