Васил Мукаетов: Денешните деца треба да се насочат кон вистинските вредности, како што е книгата

– Времињата носат нови технологии кои се атрактивни и децата лесно ги прифаќаат. Но, возрасните треба да им помогнат да се насочат кон работите кои имаат вредност, без разлика дали станува збор за литература или за нешто друго. Важно е да не го трошат времето на работи кои доаѓаат неконтролирано и кои презентираат изопачен систем. Иако децата не може да се изолираат од надворешните влијанија, треба да придонесеме да ја одберат правилната насока – вели авторот Васил Мукаетов, кој неодамна промовираше три нови книги „Ај погоди!“, „Што е, а што не е?“ и „Од згода до згода, заграб бистра вода“. Станува збор за дела кои се дел од едицијата „Читанки“ на издавачката куќа „Арс Ламина“ и може да се најдат во книжарниците „Литература.мк“ или да се нарачаат онлајн на www.literatura.mk .

Две од овие изданија, „Што е, а што не е?“ и „Од згода до згода, заграб бистра вода“, се инспирирани од работата на Марко Цепенков – годинава се одбележуваат 100 години од неговото творештво. Додека, „Ај погоди!“ е дело во кое се бара и вклученост на детето со тоа што ќе ја доврши веќе почнатата песничка од авторот Мукаетов.

– Денешните деца знаат повеќе и имаат повеќе информации. Но, реалноста нè упатува дека мора да се има верба во читањето, само треба да се насочат децата. Книгата постои повеќе од 2000 години и сè уште е темелна основа за образование. Книгата ќе остане, но тука е и квалитетот на делата, што е основна гаранција дека ќе ја доближиме до новите генерации – појаснува Мукаетов.

Две од новите книги на Мукаетов, „Што е, а што не е?“ и „Од згода до згода, заграб бистра вода“, се поттикнати од творештвото на Марко Цепенков кој има собрано повеќе од 5000 народни поговорки, пословици, легенди и народни приказна.

– „Од згода до згода, заграб бистра вода“ е составена од пословици, поговорки и умнозборки кои се облагородени со народниот дух, лесни се за паметење и полни се со емоции. Со тоа сакав да успееме да им пренесеме на децата животни поуки и да ги научиме дека е добро да помагаш, да бидеш другар, да си чесен и да си работлив. А, со тоа и да се изградат во добри личности – вели Мукаетов.

„Што е, што не е?“ е составена од стихувани гатанки кои, исто така и авторот посочува дека најдобро е децата да ги решаваат заедно со нивните родители.

– Убаво е овие книги возрасните да ги читаат заедно со нивните деца. Детето се учи додека е мало. Корисни ќе бидат и нивните разговори додека ја читаат книгата и на тој начин се градат во совесни и паметни деца – додава Мукаетов.

Третото дело „Ај погоди!“ е со песни напишани од Мукаетов каде самото дете треба да биде поет и заедно со авторот да ја завршат секоја песна.

– За третата книга добро е да се има и едно моливче. Собрани се песнички чиј крај треба да го допише читателот. Заедно сме поети и заедно го завршуваме делото. Одлично е и оваа книга децата да ја читаат заедно со возрасните. И возрасните не треба да заборават дека некогаш биле деца – посочува Мукаетов и додава дека „Ај погоди!“ и „Што е, што не е?“ доаѓаат заедно со решенија на загатките и песничките.

Васил Мукаетов со своите читатели другарува од шеесеттите години на минатиот век преку тогашните списанија „Титов пионер“, „Другарче“, „Нова Македонија“ – „Колибри“, сè до денешните „Развигор“ и „Другарче“. Застапуван е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основно образование, а е постојан надворешен соработник во литературното списание „Другарче“ – „Детска радост“. Член е на друштвото на писатели и добитник на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца во 2017 година за „Скокни – прескокни“.