Вакцинирани 100 лица во Гази Баба, по епидемијата со морбили

Центарот за јавно здравје – Скопје информира дека за време на викендот се вакцинирани околу 100 лица кои биле во непосредна близина со заболените и коишто не се вакцинирани или немаат потврда за вакцинација на територијата на општина Гази Баба, каде од петокот е прогласена ограничена епидемија од мали сипаници.

Екипи од ЦЈЗ-Скопје и ИЈЗ заедно вршат и дополнителна проверка на вакциналните картони и ги повикуваат невакцинираните или непотполно вакцинираните деца. Воедно, наложено е на сите здравствени домови во државата приоритет да им биде вакцинација, односно ревакцинација во училиштата против морбили, рубеола и паротит.

„Екипите за имунизација, доколку има потреба, на територијата на поедини подрачја ќе вршат и теренска вакцинација со цел изнаоѓање непријавени и воопшто невакцинирани деца на територијата на Скопје. Во меѓувреме нема пријавени нови случаи на заболени со морбили (ниту клинички, ниту лабораториски), а петте претходно регистрирани случаи се во добра здравствена состојба“, информира Министерството за здравство.