Уживајте во магијата на сегашниот момент: 5 ситуации во кои треба да заборавите на својот телефон

Голем дел од нас ги користат социјалните мрежи, но постојат ситуации во кои треба да заборавиме на нив и на користењето на нашите телефони. 

Наутро

Утринските часови треба да се посветени на вас самите. Не мислете дека сте пропуштиле нешто премногу важно во текот на ноќта, бидејќи тоа ќе ве почека и во текот на денот, нема да ви побегне од телефонот. Експертите посочуваат дека користењето на телефонот во утринските часови предизвикува нервоза, особено поради купот на информации кои доаѓаат до нас. Тоа е период кога на нашиот ум му е потребен мир, позитивно размислување и смиреност, а не негативни вести и многу пораки. Затоа, наместо телефонот испијте го вашето кафе на мира, запишете ги вашите мисли во дневник, јадете го појадокот или едноставно потрудете се да ги средите мислите.

За време на важна задача на која треба да се фокусирате

Потрудете се да заборавите на телефонот особено за време на извршувањето на важните задачи каде ви е важна концентрацијата и фокусот. Известувањата кои ви стигнуваат од телефонот ќе ве дефокусираат и ќе ви создадат притисок дека морате да одговорите. Затоа, ставете го телефонот подалеку од вас и фокусирајте се на задачата која треба да ја завршите.

За време на ручекот или вечерата со блиските

Времето поминато со нашите блиски е скапоцено, а користењето на телефонот за време на ручекот и вечера значи и непочит кон храната и разговорот кој се води на масата. Ова е дел од манирите на кои сите некако заборавивме. Ништо нема да ви избега ако го оставите телефонот настрана додека уживате во домашно приготвената храна.

Кога треба да се фокусирате на сегашниот момент

Кога патувате, кога ја гледате полната месечина, кога уживате на Водно... не ви е потребен телефонот за да го опфати секој момент кој го доживувате. Немојте да живеете во телефонот и во сликите кои треба да ги создаде, туку во сегашниот момент кој ја носи магијата на вистинското уживање. Бидете присутни и благодарни за искуствата кои ги доживувате, за времето поминато со блиските, за радоста на пријателите.

Кога сте тажни

Не ви е потребен телефонот кога сте тажни. Ако поминувате премногу време на социјалните мрежи, никако нема да успеете да го смирите умот, ниту пак да се чувствувате подобро. Наместо тоа, изберете да пешачите, запишете како се чувствувате во дневник, ја слушате вашата омилена музика или пак едноставно уживате во грижата за себеси. Кога сте тажни, потребни ви се грижа за вашиот ум и тело, а тоа нема да го постигнете со телефонот.