Утре завршува фестивалот „Анимакс“

Тринаесеттото издание на меѓународниот филмски фестивал за анимирани филмови „Анимакс Скопје фест“ започна вчера, а ќе трае до 26 ноември во Кинотека. На него се прикажуваат 39 куси анимирани филмови во официјалната програма и 8 анимирани филмови кои се наменети за детската публика.

Филмовите за официјална конкуренција се избрани од пријавениот рекорден број анимации, меѓу кои најголем број од: Франција, Англија, Германија, Шпанија, Русија, Кина, Бразил, Унгарија и други.

Оваа година жирито го сочинуваат: директорот на Кинотека Владимир Ангелов, уметницата Сашка Андреевска и историчарот на уметност Горјан Гишев.

Голем број од филмовите кои ќе бидат прикажани на фестивалот се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија. На отворањето гледачите  го погледнаа актуелниот победник на фестивалот Анеси, а вториот ден (денес) ќе почне со „Бришачот“- кој доби Оскар, а третата вечер е во знакот на „Црвениот зајак“. 

Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите почнува сите три дена во 19:30 часот. Проекциите на филмови за деца ќе се одржат на 26 ноември (сабота) со почеток во 12:00 и 14:00 часот. Публиката ќе има можност да гласа за најдобриот анимиран филм за деца и да го одбере победникот. Влезот во Кинотека за сите проекции на „Анимакс Скопје фест“ е бесплатен.

Фестивалот „Анимакс Скопје фест“ е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со филмското училиште „Тинтири-минтири“ од Скопје, со поддршка од Град Скопје, и во соработка со Кинотека на Македонија.

„Анимакс Скопје фест“ е прв фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.