Утре почнува 19. издание на фестивалот на европски филм – „Cinedays“

Годинешната програма на CINEDAYS е селекција на Бернд Будер, и таа е намалена, следствено на фестивалските денови. Во неа ќе ги погледнеме најновите остварувања на Озон, Пуиу, Винтенберг, Срѓан Голубовиќ, а таа нуди и доста македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати програмски целини: Официјална селекција, Гала програма, Музички документарци, МК во ЕУ, МК премиери, SEE програма, ФДУ ретро, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – cinEmusic и др.

Фестивалот ќе се реализира на повеќе локации низ Скопје: Градски парк, МКЦ парк, Парк Ибни Пајко, Кино Влае, Парк Кисела вода, Кино Напредок, Кино Маџари, Дом на градежници „Кочо Рацин“ и кровот на ГТЦ.

Билетите ќе бидат по цена од 100 денари, за сите филмови, освен за филмовите од POP-UP КИНО.

– За програмата во Градскиот парк, паркот Ибни Пајко и МКЦ парк, билетите по цена од 100 денари може да купат онлајн, преку bileti.mkc.mk (препорачуваме онлајн-продажба), како и на самиот влез на овие локации.
– За филмовите од POP-UP КИНО бесплатни билети може да се набават само онлајн (bileti.mkc.mk).
– Влезот за музичката програма е бесплатен, освен за концертот на ЗЏМ Колектив и гудачки оркестар за кој може да се набават билети по цена од 200 денари.

Со секој билет посетителите ќе може да користат бесплатен превоз на ЈСП Скопје при доаѓање или заминување од фестивалските локации. Билетот има важност на денот на избраниот настан, во период од 19:00 до 00:00 часот.