„Успешна приказна од Општина Бутел“: Сузана Младенова - наставничка со повеќе од 35 години посветена работа

Уште една успешна приказна во рамки на рубриката „Успешна приказна од Општина Бутел“, приказна која трае повеќе од три децении и која продолжува да инспирира. Приказна за мојата наставничка која со работа, љубов и знаење оставила длабока трага во образованието и во развојот на многу генерации млади луѓе, сподели денеска градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.

„Во образованието постојат личности кои не само што предаваат, туку оставаат трага,луѓе кои го менуваат начинот на кој децата учат, растат и стануваат личности. Таква е и нашата наставничка Сузана Младенова, со повеќе од 35 години посветена работа, инспирација и континуирана професионална надградба“, вели Костовски.

Родена на 19 декември 1965 година, својата професионална мисија ја започнува во 1990 година во ОУ „Драга Стојановска“, а од 1993 година е дел од тимот на нашето општинско училиште „Св. Климент Охридски“ . Од првиот чекор во училницата до денес, таа останува доследна на една цел а тоа е квалитетно и современо образование за секое дете.

Со богата академска подлога, завршени две високообразовни квалификации, бесконечен број обуки, семинари и меѓународни проекти, Сузана е наставник кој никогаш не запира. Таа е дел од генерацијата наставници која го воведе ИКТ во наставата, ја градела културата на креативно учење, холистички пристап, меѓуетничка интеграција, еколошко воспитување, работа со деца со посебни образовни потреби, како и многу иновативни програми препознаени од МОН, БРО и меѓународни институции.

Како обучувач, реализатор на регионални и национални обуки, набљудувач и едукатор на колеги, таа не само што ги менува генерациите ученици, туку и ги обучува наставниците кои ја градат иднината на нашето образование.

Нејзините ученици, вели Костовски, со години наназад освојуваат низа признанија како ученици на генерација, награди од натпревари, успешни студенти, спортисти, професионалци и пред сè, добри луѓе. Токму тоа е најголемата награда за наставникот.

„Горда сум на сите мои ученици, без разлика на нивниот животен пат. Најголемата победа е кога ќе видите дека сте помогнале да израснат во добри луѓе, силни личности и примерни граѓани на нашата татковина“, вели наставничката Сузана.

Костовски посочува дека особено бил горд што токму наставничката Сузана Младенова била негова наставничка во основното образование.

„Денес, како градоначалник, со уште поголема почит и благодарност гледам на нејзината улога и влијанието што го има врз патишта на своите ученици“, порача тој, додавајќи дека Општина Бутел со гордост ја истакнува оваа успешна приказна, приказна за посветеност, професионалност и човечност, која трае и ќе трае.