Уште неколку часа трае пријавување на јавниот повик за субвенции за чистење оџаци

Остануваат уште неколку часа за пријавување на јавниот повик за субвенции за чистење оџаци кој го објави Град Скопје. 

Оттаму ги известуваат граѓаните дека денеска (30.11.2021 година), на полноќ, се затвора Јавниот повик за субвенционирање на домаќинствата и други субјекти на подрачјето на Град Скопје за надоместување на дел од трошоците за чистење оџаци за 2021 година.

Со тоа, од 01.12.2021 година електронски поднесените барања за субвенционирање на граѓаните и други субјекти на подрачјето на Град Скопје за чистење оџаци за 2021 година нема да се прифатат и да се разгледуваат од Комисијата.

За потсетување, на овој јавен повик може да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште, е на подрачјето на Град Скопје (општините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај). Финансиските средства за надоместување на дел од трошоците направени за чистењето оџаци се во нето износ најмногу до 1.200 денари по домаќинство, односно по правен субјект. Притоа, персоналниот данок на доход е на товар на Град Скопје.

Пополнување на апликацијата за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците за чистење оџаци со личните податоци/податоци за правното лице е електронски достапно преку www.skopje.gov.mk, https://aplikacii.skopjelab.mk/ или директно на линкот https://aplikacii.skopjelab.mk/odzaci/