Уште едно сведоштво на ученик од средното музичко: Помеѓу професорите постоеше реваншизам и омраза, а митото и корупција беа суптилна тајна

Откако Маја Блажевска, пред неколку дена собра храброст јавно и гласно да зборува за вистината која се крие позади ѕидовите на училиштето ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“, вчера истото го стори уште една поранешна ученичка во ова училиште. Сара Александровска пред девет години завршила средно-музичко училиште за кое тврди дека е „пред се е дувло на единки со тешки психо-патологии и комплексни фрустрации“. Помеѓу професорите постоел реваншизам и омраза, а митото и корупцијата биле суптилна тајна, тврди Сара. 

„Јас кога бев дете на 15 годишна возраст по пат на првите блок часови клавир страдав од нагони за повраќање и психичко растројство бидејќи се среќавав со гнасни навреди и со песници мавани по ниските октави на школските клавири, тоа звучно е рамно на гром да мава до тебе“, вели Сара во својата фејсбук објава.

Таа додава дека учениците се соочувале со коментари и навреди како "неписмен, глупак, неталентиран, ќе пропаднеш, никад нема да те биде, глув, смрдиш на ефтин парфем, сељак, копук, клошар“ и низа други навредливи зборови.

Сара вели дека помеѓу професорите постоел реваншизам, омраза и изопачен натпревар за тоа кој е поуништен креативно.

„Креативноста во училиштето беше страна тема и секој кој имаше креативна нишка и потенцијал беше исмеван и понижуван, а славени беа сите оние кои се вклопуваа во оваа демонска шема“, раскажува таа во својот фејсбук статус.

Потенцира дека таму музиката губела секаква уметност и се претварала во површна логична математика пренесувана посурово и од во среден век.

Зборува и за приватните часови кои биле начин за заработка на пари од страна на професорите.

“Митото и корупцијата беа јавна тајна и суптилно со божем приватни часови се уценуваше ученикот за тоа дали ќе помине или не на некој од предметните испити“, објаснува Сара.

На крајот таа завршува со фактот дека многу таленти згаснале како последица на сето ова погоре и ги охрабрува сите оние кои ја поминале оваа државна институција да го искажат своето мислење јавно и да создадат јавен притисок.  

“Многу светли душички си ја загубија искрата и тотално се тргнаа од патот на музиката, души што дури и компонираа суштински композиции во тие години, подлабоки и поискрени од тие на професорите кои беа изопачени од докажување едни кон други кој е поталентиран. Убивање на духот на музиката е зло дело од вселенски размери и мора да биде воочено и соодветно казнето од нацијата на која и се одземаат идните културни амбасадори и двигатели“, го завршува Сара својот фејсбук статус.