
Уште една инспиративна приказна доаѓа од Скопскиот маратон. Михајло Додевски, 23-годишен студент на Медицинскиот факултет од Куманово, трчаше со јасна порака – да се подигне свеста за органодарителството и трансплантацијата.
Неговиот гест го споделија од здружението НЕФРОН, од каде велат дека Михајло го заслужува „најголемиот аплауз“ меѓу учесниците на маратонот, бидејќи настапил самоиницијативно и без поддршка од компании или посебни кампањи.
На маратонот тој ја носеше пораката: „Биди органодарител – подари живот“.
Од НЕФРОН го прашале што го поттикнало да трча токму за оваа кауза и дали зад одлуката стои лична приказна.
„Мене многу ми е интересна темата за трансплантација и имам читано доста за неа, за овде и за други земји. Имам прочитано многу примери од други луѓе и знам дека во нашата држава е слабо развиена свеста на луѓето за донирање органи после нивната смрт, во споредба со другите земји од регионот и пошироко, и тоа ми беше инспирација да трчам за таа цел“, вели Михајло.
Тој има 23 години, од Куманово е и студира на Медицинскиот факултет, на насоката за физиотерапевт.
„Познавам некои луѓе на кои им е направена трансплантација, но познавам и такви кои чекаат трансплантација, а тука нема доволно трансплантации“, додава Додевски.
Од НЕФРОН му се заблагодарија за гестот и порачаа дека се надеваат оти неговиот пример ќе поттикне повеќе луѓе да размислуваат за органодарителството и трансплантацијата.