Уште една епидемија и се заканува на Македонија - како се шири заразната жолтица?

Учете ги децата да си ги мијат рацете, особено по користење на тоалетот. Тоа е една од најбитните препораки кога станува збор за заразна жолтица (хепатит А), која се нарекува и болест на немиени раце, вели д-р Александар Стојанов од скопскиот Центар за јавно здравје, пренесува Деца.мк.

Вирусот на жолтица го има во фекалиите и долго време, и по неколку дена, опстојува во надворешна средина. Така, на пример, од квака на врата на која го има може да се разболат повеќе луѓе.

За четири месеци во Скопје се регистрирани 60 случаи на заразна жолтица (хепатит А). Оваа бројка е двојно поголема во споредба со истиот период лани. Од заболените, 17 лица биле хоспитализирани, а од нив 10 биле деца.

-Од поврзани случаи има 1 семејство со 3 заболени деца. Другите случаи не се поврзани, не се заразувале едни од други и се низ цело Скопје. Во училиштата се прават вонредни дезинфекции, но мора да се знае дека е многу значајно одржувањето на секојдневната хигиена, редовното миење раце со сапун, вели д-р Стојанов, пренесува порталот.

Заразната жолтица или вирусниот хепатит А (епидемиски хепатит) е акутно вирусно заразно заболување кој најчесто лесно се прележува, има ретки компликации и со ниска стапка на смртност.

Заболувањето се пренесува по фекално-орален пат. Станува збор за заразна болест која може да се појави спорадично или во епидемиска форма, особено во лоши санитарно-хигиенски услови, по поплави или други природни катастрофи.
Заразната жолтица, објаснуваат лекарите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), се појавува во сите делови на светот, меѓутоа, ендемски (постојана присутност), со повремени епидемии почесто се јавува во послабо развиените или неразвиените земји во светот (на пр., земјите на Африка, на Блискиот и Далечниот Исток, во Јужна и Средна Америка).

Во развиените земји вирусниот хепатит А ги зафаќа сите возрасни групи, со тоа што детската возраст е најзастапена. Секоја четврта епидемија нема утврден извор на зараза.

Целата вест прочитајте ја на ДЕЦА.МК