Уште еден „пандемиски“ дочек на Новата година

Декември е месец на новогодишно украсување на домовите, но и улиците и плоштадите, но и месец кога најпоставувано прашање е „Каде за Нова година?“.

Пред нас е уште еден празничен период. Пандемијата, за жал, е причина за една заедничка желба на сите која гласи „здрави и сите на број“.

Граѓаните со поделени ставови. Едни сметаат дека во ова тешко време, колку и да сме „на удар“ на здравствената, енергетската и политичката криза, мора да останеме оптимисти и со надеж за подобра година да ги прославиме празниците.

Други, пак, велат дека кога земјата е соочена со низа предизвици треба да останеме скромни и немаат надеж дека нешто ќе тргне на подобро со оглед дека се најавуваат низа поскапувања.

Цената на струјата која ќе донесе и нов бран поскапувања на цените на храната, дел од локалните власти се откажаа од новогодишно украсување на општините, масовни прослави не се дозволени, за патувања има дополнителни трошоци за ковид пропусници, па така граѓаните велат дека за празниците немаат големи очекувања.

Најважно е да се со блиските и со рационални трошоци согласно примањата кои не останаа стабилни со пандемијата!

И овој „пандемиски“ дочек на новогодишните празници ќе биде во знакот на желбата за старата реалност – кога ќе може слободно да се гушкаме, собираме, патуваме, живееме...!