
Градскиот железнички превоз во Скопје треба да се развива со вкупно три линии, од кои првата започнува со работа денеска, додека за останатите две паралелно се изработува проектната документација.
Директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски, информира дека едната од преостанатите линии ќе се протега од Волково, преку Ѓорче Петров и Скопје Север, до Железничката станица во Скопје, во должина од 18 километри.
Во должина од 20 километри, третата линија ќе ги поврзува Миладиновци, Илинден и Маџари со Железничката станица во Скопје.
Ивановски очекува проектирањето на двете делници да заврши до крајот на октомври. Доколку бидат обезбедени потребните средства во соработка со Владата, градежните работи на двете делници би започнале до крајот на годинава.
Според плановите, двете линии би требало да бидат целосно оперативни и функционални до крајот на 2027 година, а најдоцна до почетокот на 2028 година.