Општина Аеродром информираше дека изградбата и уредувањето на новиот парк „Радост“ во Реонски центар во Општина Аеродром е во завршна фаза и во зависност од временските услови, се очекува паркот да го добие својот финален изглед до средината на следниот месец.
„Паркот, е со површина од околу 6 000 квадратни метри, и поставен е систем за осветлување со канделабри, а во овој момент се градат пешаките патеки, а се врши и хортикултурно уредување на просторот, по што ќе биде монтирана и современа урбана опрема, клупи за седење и канти за отпадоци“, велат од општината.
В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска заедно со други претставници на Општината и на Советот извршија увид во градежните активности на терен. Притоа, во паркот беа засадени симболични 62 високостеблести платани, донација од Европската Унија во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“.
„Инаку, во рамките на истиот проект, вчера, во дворот на ООУ „Лазо Ангеловски“ исто така беа засадени 30 садници, при што претставници од Првиот скопски извиднички одред преку практични примери ги запознаа учениците со важноста на урбаното зеленило и влијанието на дрвјата врз квалитетот на воздухот
Општина Аеродром, покрај изградба на нови паркови и хортикултурно уредување на голем број локации, интензивно работи и на целосна реконструкција и обнова на веќе постојните паркови, со што жителите ќе имаат пријатни места за одмор, дружење и релаксација, особено во текот на летниот период“, посочуваат од општината.