Упатство за употреба: За што и како се користи маслото од канабис со рецепт

Од петокот во аптеките може да се купи маслото со канабис, Канобил Канц, на РеплекФарм, прв производ од ваков тип на нашиот пазар, кое содржи поголема концентрација на ТХЦ, и ќе може да се набавува единствено со рецепт.

Од РеплекФарм најавија дека во периодов што следи на пазарот ќе се појават уште три производи од оваа масло, а актуелното е наменето за малигни заболувања.

Кој може да го употребува?

Канобил Канц, може да се употребува кај возрасни пациенти како дополнителна терапија на стандардната терапија за малигни заболувања, за подобрување на симптоми на:

-болка

-гадење и повраќање предизвикани од промена на хемотерапија кај пациенти кај кои стандардната терапија со други лекови против повраќање не ги дава очекуваните резултати.

За кои типови на малигни заболувања може да се користи?

-Карцином на дојка

-Глиом

-Леукемија и лимфом

-Белодробен карцином

-Карцином на колон

Што треба да знаете пред да го употребувате: Немојте да го употребувате:

-ако сте алергични (преосетливи) на канабиноиди или на било која од помошните супстанци на лекот

-ако Вие или некој од Вашето семејство, има било какви проблеми поврзани со менталното здравје како шизофренија, психози или друго тешко психијатриско заболување. Ова не ја вклучува депресијата која се јавува како резултат на Вашата основна болест

-ако сте бремени или ако доите.

Употреба на храна и пијалоци

Канобил Канц може да го употребувате со или без храна. За време на употребата на оваа масло не треба да се кнзумираат алкохолни пијалоци.

Разговарајте со Вашиот лекар или фармацевт пред да го употребите:

-Ако имате помалку од 18 години

-Ако имате сериозни проблеми со срцето и крвните садови

-Ако имате проблем со црниот дроб или бубрезите

-Ако имате епилепсија или повторувачки напади

-Ако сте постари, посебно ако имате проблеми со самостојно извршување на секојдневните активности

-Ако патувате во некоја друга земја, потребно е да го проверите легалниот статус на лекот во земјата во која патувате

-Додека се употребува овој лек и три месеци по прекинот на терапијата, жените кои може да останат бремени треба да земаат сигурна контрацепција, а мажите да практикуваат соодветна заштита при сексуален однос.

Фото: Емагазин.мк