
Галеријата на икони во Охрид од денеска е збогатена со уште едно непроценливо историско, уметничко и духовно дело – иконата „Исус Христос на престол“, изработена во ретка мозаична техника, односно од ситни обоени камчиња или стаклени коцкички (тесери), карактеристична за византиската уметност.
Како што беше посочено на денешната презентација организирана по повод одбележувањето на 75-годишниот јубилеј на организираната музејска дејност во Охрид, мозаичната икона претставува сведоштво за богатата византиска традиција и вековниот културен континуитет на Охрид.
Мозаичната икона „Исус Христос на престол“, датирана во XIV век, е единствената сочувана мозаична икона од таков тип во Македонија и припаѓа на ретката категорија преносни византиски мозаични икони.
Катерина Велкоска, кустос и историчар во охридскиот Завод и музеј, која го предводеше тимот што ја подготвуваше иконата за нејзино изложување во Галеријата, појасни дека, иако мозаичната техника во византиската уметност најчесто се поврзува со монументалните декорации на црквите, како куполи, сводови, апсиди и ѕидови, паралелно се развила и многу посложената и поретка форма на изработка на мали, преносни мозаични икони.
– Нивната изработка барала исклучителна прецизност, големо техничко знаење и употреба на скапи материјали, поради што овие дела биле достапни во ограничен број и најчесто биле поврзувани со највисоките слоеви на византиското општество и со престижни црковни центри – рече таа.
За разлика од живописната икона, каде што светлината се создава преку бојата, кај мозаичната икона светлината е составен дел од самиот материјал. Малите мозаични коцки, тесери, се поставуваат под различни агли, така што површината ја прекршува и рефлектира светлината.
– Особено значајна е употребата на златни тесери. Златниот фон во византиската уметност не претставува обична декоративна позадина. Тој создава симболичен простор надвор од земното и материјалното – простор на божественото и вечното. Со промената на аголот на гледање, површината на мозаикот се менува, создавајќи впечаток дека светлината доаѓа од самата претстава – појасни кустосот Велкоска.
Токму тоа ја дава и најголемата особеност на мозаичната икона: сликата не е само претставена, туку и „свети“ преку материјалот од кој е создадена.
Христос е претставен како небесен Владетел, носител на божествената власт и вечниот Цар. Престолот ја нагласува неговата трансцендентна природа и неговата улога како Судија и Господар на вселената.
Како што беше појаснето, фронталната поставеност на Христовиот лик, достоинствениот став и внимателно разработените детали се карактеристични за византискиот начин на претставување на сакралната личност. Кај византиската икона целта не е создавање натуралистички портрет, туку визуелно претставување на духовната реалност.
Во тој контекст, мозаичната техника дополнително ја засилува сакралната природа на претставата. Материјалот, светлината и иконографијата се обединуваат во една целина.
Велкоска појасни дека иконата „Исус Христос на престол“ припаѓа на XIV век, период кој во историјата на византиската уметност се поврзува со таканаречената Палеологовска ренесанса. Тој период се карактеризира со обновен интерес кон античкото наследство, поголема експресивност, суптилно моделирање на лицата, богата употреба на боја и нагласена духовна и емоционална длабочина.
– Охрид во тој период претставувал еден од значајните духовни и културни центри на православниот свет. Неговата географска положба и историската поврзаност со Византија овозможиле развој на високо уметничко творештво и присуство на врвни уметнички традиции – рече таа, посочувајќи дека охридските цркви и манастири сведочат за интензивната размена на уметнички идеи меѓу Константинопол, Солун и другите центри на византискиот свет.