
Претставата „Уна“ на белградскиот „Звездара театар“ вчера гостуваше на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје, носејќи пред публиката приказна за љубовта, сеќавањето и минливоста, но и за политиката, медиумите, универзитетот и општеството во кое живееме.
Текстот го напиша Стеван Копривица, по мотиви од истоимениот роман на Момо Капор, режијата е на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографијата на Ивана Ристиќ.
Во центарот на приказната е студентката по социологија на медиумите Уна, која бара интервју од харизматичниот универзитетски професор Мишел Бабиќ. Но зад навидум едноставната новинарска задача стои политички интерес и обид да се дознае на која страна е професорот и какви се неговите ставови.
Она што започнува како задача и форма на притисок врз младата студентка постепено прераснува во силна и неконтролирана љубовна врска. Токму „фаталната привлечност“ меѓу повозрасниот, харизматичен професор и самосвојната и темпераментна Уна станува централна линија преку која претставата ги отвора прашањата за љубовта, генерацискиот јаз, моќта и минливоста.

Сценската адаптација не се обидува само да го преслика романот на Капор или неговата позната филмска верзија. Театарското читање бара сопствен јазик и нов простор во кој интимната приказна се судира со општествениот и политичкиот контекст.
Како и во романот, така и во претставата се препознаваат влијанието на политичките определби врз кариерата, манипулативната моќ на масовните медиуми, поделбите во општеството, предностите и ограничувањата на демократијата, но и гневот на младите генерации.
Професорот Бабиќ преку своите предавања директно ѝ се обраќа и на публиката, отворајќи прашања за колективната омраза, толпата, политичката моќ и одговорноста на образованиот човек во општеството.
Еден од највпечатливите сценографски моменти се сивите, превртени транспаренти кои во еден момент се свртуваат кон публиката и се открива дека всушност се книги. Симболиката остава простор за повеќе толкувања: дека зад вистинскиот бунт треба да стојат знаењето и образованието, но и дека книгата понекогаш може да биде посилна од паролата.
Во главната улога настапува Никола Ристановски како професорот Мишел Бабиќ - интелигентен, образован и шармантен човек со јасни ставови, но истовремено изморен и разочаран од политичките и медиумските игри, универзитетот и јавниот живот.
За оваа улога Ристановски го добил и признанието „Зоранов брк“ за најдобар актер на вечерта, уште една потврда за впечатливоста на неговото толкување на професорот Мишел.
Наспроти него, Магдалена Мијатовиќ како Уна носи младешка енергија, самостојност и ранливост. Нејзината Уна е истовремено интелигентна, провокативна, нежна и експлозивна, што ја прави динамиката меѓу двата главни лика една од носечките точки на претставата. Во актерската екипа се и Марко Гверо и Сена Ѓоровиќ.

Во својата порака за претставата, режисерот Дејан Пројковски вели дека „Уна“ настанува како одговор на длабоката и универзална човечка потреба за приказна што зборува за сеќавањето, љубовта и минливоста.
Според него, претставата зборува за човечките односи, за влијанието на минатото врз сегашноста и за тоа како едно сеќавање може да го обликува целиот наш живот.
„Во време кога технологијата и општествените промени го преплавуваат нашето секојдневие и кога е тешко да се зачуваат искрени и длабоки односи, ваква интроспективна и емотивна драма нè потсетува колку е важно да ги сочуваме автентичноста и искреноста“, порачува Пројковски.
Тој додава дека „Уна“ ја повикува публиката да застане и да ги слушне приказните што можеби ги избегнува - приказните за сопствениот идентитет, за љубовта која останува и покрај времето и за помирувањето со самите себе.
Токму затоа гостувањето на „Звездара театар“ во МНТ не донесе само уште една љубовна приказна. „Уна“ отвори простор за размислување за тоа што останува од една љубов, едно време и еден човек кога минатото продолжува да живее во сегашноста.
Фото: Јаков Симовиќ