Улицата Столтенбергова е изрешетена со дупки - ќе се реконструира откако ќе се изгради Луна паркот

Улицата покрај стадионот „Тоше Проески“ која Град Скопје ја именуваше Столтенбергова, според норвешкиот дипломатот Торвалд Столтенберг е изрешетена со дупки. Долж улицата има дупки и прокопи, а делот каде што е поставена коцка е пропаднат, пишува СДК

Улицата Град Скопје ја именуваше во Столтенбергова лани на 6 септември кога во посета на Скопје беше генералниот секретар Јенс Столтенберг. По предлог на градоначалникот Петре Шилегов, Советот на Град Скопје донесе одлука да се именува одлука оваа улица според таткото на генералниот секретар на НАТО Столтенберг, поради неговиот придонес во обновата на Скопје после земјотресот во 1963 година.

Од Град Скопје велат дека имаат надлежност за именување на сите улици низ градот, но одржувањето на оваа улица е должност на Општина Центар.

Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ за СДК вели дека не ја реконструираат улицата бидејќи се планира изградба на Луна паркот и таа пак ќе се оштети.

„Во план е реконструкција, но исто така има најава од Град Скопје за изградба на Луна паркот. Тогаш низ улицата ќе минуваат камиони и механизација и пак ќе се уништи, затоа не ја реновираме“, вели Богдановиќ.

На нашето прашање зар граѓаните со коли, велосипеди и колички за деца да возат по дупки и прокопи додека се направи Луна паркот, што нема да трае помалку од една година. Богдановиќ одговори дека ќе ги закрпат дупките.