Улицата „Лазар Танев“ во скопската чаршија сега ќе го носи името на косовскиот професор по филозофија Укшин Хоти

Во присуство на лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска во старата скопската чаршија свечено беше отворена улицата која го носи името „Укшин Хоти“. Веста на својот инстаграм профил ја соопшти градоначалникот на општината Чаир, Висар Ганиу.

Оваа улица која до денес беше „Лазар Танев“ сега е „Укшин Хоти“, се наоѓа на едно од најубавите и најстарите места во нашето Скопје и во срцето на Чаир - Старата чаршија.

Ганиу во својата објава потенцираше дека името на Укшин Хоти ќе го повторат илјадници туристи кои секојдневно минуваат по овој пат и доаѓаат од целиот свет и додаде дека името на оваа улица ќе го одржува жив споменот на визионерскиот идеолог на националната кауза, човекот кој својот живот му го посветил на Косово.

Укшин Хоти е само едно од 66-те нови имиња со кои неодамна беа преименувани улиците на општина Чаир. 

Укшин Хоти е поранешен професор по филозофија на Универзитетот во Приштина. Роден во Раховец/Ораховац, неколку пати бил затворан од југословенските власти, поради неговиот политички активизам. Од 1994 година до неговото ослободување во 1999 година, тој бил на издржување казна затвор заради „загрозување на уставниот поредок“.Но, откако на 16 мај 1999 година, бил ослободен од затворот Дубрава во Косово, тој повеќе не бил виден, ниту жив, ниту мртов.