УЈП со нов директор

Сања Лукаревска повеќе не е директорка на Управата за јавни приходи, додека Мартин Костовски повеќе не е прв човек на Службен весник. Тоа значи дека овие институции ќе добијат нови директори по одржаните предвремени парламентарни избори.

Лукаревска и Костовски станаа пратеници во македонското Собрание преку Изборната единица 2 како кандидати на СДСМ и коалицијата „Можеме“, која освои најголем број на мандати по изборите на 15 јули и во моментов најавува дека е блиску до повторно составување на владеачко мнозинство за нова Влада.

Вршител на должност директор на УЈП сега е Фарук Имери, а Лукаревска тврди дека времето ќе покаже дали ќе биде пратеник во Собранието или ќе стане владин функционер и ќе предводи одреден ресор доколку СДСМ повторно состави Влада.
– Во моментов повеќе не сум избран функционер од Владата затоа што сум пратеник во Собранието, а во иднина мојата партија и идниот премиер ќе одредат која функција ќе ја извршувам, изјави Лукаревска за „Фактор“ откако три години беше на чело на УЈП и беше дел од неколку проекти од фискалната политика.

– Јас бев избрано лице од Владата како директор, но сега сум пратеник и тоа планирам и да останам, односно да ги застапувам гласачите кои ми ја дадоа довербата на изборите, ни изјави Костовски.

Од редовите на СДСМ и коалицијата „Можеме“ има и други избрани функционери кои сега станаа пратеници, па така Дарко Каевски е директор на Агенцијата за млади и спорт, Фаница Николоска е одговорно лице на Државниот управен инспекторат, a Боби Мојсоски е управител на затворот „Идризово“.

Извор: Фактор