УЈП ќе ги гледа банкарските сметки на граѓаните

Банкарските сметки на граѓаните нема повеќе да бидат банкарска тајна за Управата за јавни приходи. Владата го менува Законот за банки со што УЈП ќе добие слободен пристап до документите, трансакциите и депозитите на граѓаните во секое време.

Во образложението на Законот стои дека измените се прават за да може УЈП полесно да ги изготвува годишните даночни пријави за следната година. Од Управата за Телевизија 24 велат дека прецизно е дефиниран сетот на податоци што банките треба да ги доставуваат до УЈП.

„Доставувањето на податоци од други институции (вклучително и банки) е пракса на модерните даночни администрации преку која размена се обезбедуваат податоци за вкрстена проверка на пријавените и непријавените приходи на граѓаните“ - велат од УЈП.

Но Македонската асоцијација на банки остро се спротивставува на предложените измени. Сметаат дека со нив директно се навлегува во приватноста на граѓаните и заштита на личните податоци и се губи значењето на правниот термин банкарска тајна.

„Увид во трансакциските сметки на клиентот претставува директна повреда на неговата приватност, навики, начин на живеење, со што може да се направи непоправлива штета доколку податоците бидат доставени до трети неовластени лица или бидат објавени во јавност. Ова може негативно да влијае на довербата на граѓаните во банките, која макотрпно се гради последниве 20-тина години“ - велат од Македонската асоцијација на банки.

Банкарите бараат поширока јавна расправа за да се разгледаат сите опасности кои може да ги повлече новиот начин на работа. Доколку законот помине, тогаш ќе мора прецизно да се дефинира кои податоци, и во кој обем и рок ќе се разменуваат, како и начинот на чување, но и на нивно уништување.

Министерството за финансии, како предалагач на законот тврди дека измените се прават со цел изедначување на нашето законодавство со европското, а сите сугестии на предложениот закон ќе се земат предвид пред да биде изработена конечната верзија.

Со измените се предвидува увид во банкарските сметки да добие и Царинската управа, но со поднесување на писмено барање до банките. На тој начин ќе се овозможи Царината да врши присилна наплата на царинските давачки.