УЈП доставува претпополнети даночни пријави - корекции до крајот на мај

Управата за јавни приходи од први април, па сè до крајот на месецов, ќе ги доставува претпополнетите годишни даночни пријави. Даночните обврзници кои оствариле дополнителни приходи во текот на минатата година ќе имаат рок до крајот на мај да ја потврдат или коригираат пресметката.

Откако ќе добијат електронско известување дека годишната даночна пријава е пополнета од страна на УЈП, корисниците треба да влезат во својот профил што веќе го креирале во електронскиот систем за да ја проверат својата пресметка.

“Доколку даночниот обврзник иманекои корекции, постои можност да ги коригира директно на самата претпополнета годишна даночна пријава. Таму постојат полиња каде што ќе ги запипат тие корекции, ќе ја достават до УЈП и потоа нашите служби ќе ја утврдат фактичката состојба и ќе донесат решение за даночниот обврзник. Доколку нема никаков одговор од даночниот обврзник до 31-ви мај, пријавата ќе се смета за потврдена. Значи, сите даночни обврзници ќе мора да ја отворат претпополнетата даночна пријава, да видат дали е сè во ред и да потврдат”, објаснува Михајло Михаилов, раководител на контакт центар во Управата за јавни приходи.

Од УЈП не очекуваат проблеми со оглед на тоа што ова е нов начин на пресметка на годишните даночни пријави. Сепак, доколку се случи некој корисник да не добие такво известување до крајот на месецов, треба да пријави во Управата.

“Доколку, пак, не ја добијат претпополнетата годишна даночна пријава, ќе се обратат до УЈП, ќе видиме каде настанал проблемот и ќе се отстранат тие грешки”, вели Михајло Михаилов, раководител на контакт центар во Управата за јавни приходи.

Во електронскиот систем се регистрирале околу 700.000 граѓани кои лани оствариле дополнителни приходи.