УХМР предупредува на зголемување на водостоите на одредени реки поради врнежите

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека во текот на изминатата ноќ во целата земја имаше повремени врнежи од дожд, со послаб интензитет и со прекини.

Исто така и за денеска се очекуваат слаби врнежи, кои поради заситеноста на почвата со влага, ќе предизвикаат локални зголемувања на водостоите на реките и појава на заезерувања на водата.

УХМР посочи на особено внимание во горниот дел од сливот на реката Вардар, каде водостојот сеуште е висок и постои можност за локални заезерувања. Слична ситуација се очекува и во сливот на реката Црна, во Струмичката котлина, во Струшкото поле и на останатите рамничарски подрачја.

Иако денешните врнежи не се очекуваат да бидат обилни, тие сепак можат да предизвикаат покачувања на водостоите на помалите реки и суводолиците низ земјата.

УХМР предупредува на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денот.