Угостителите глава не креваат од протоколи, а на Водно врие од забави

Ограничено работно време, високо ниво на заштитна опрема, посебен протокол за седење на гостите и високо ниво на хигена. Ова се само дел од протоколите кои владата ги донесе, а се однесуваат за угостителските објекти. Еден куп протоколи, засилени инспекциски контроли, но сепак бројот на гости е ограничен, а со тоа и приходите ограничени.

Дел од угостителите од државата во текот на денешниот ден најавија протести со кои се спротивставуваат на ригорозните протоколи под кои треба да работат, а кои сериозно ја отежнуваат нивната работа. Во изјава за Скопје Инфо тие велат дека кризата од Коронавирусот сериозно удри по угостителскиот бизнис, а последиците се чувствуваат. 

На последната прес конференција која неодамна ја одржаа врабтотените во угосителскиот сектор тие потврдија дека поради кризата која ја предизвика коронавирусот, многумина кои се дел од угостителскиот сектор останале без работа. Претставниците на синдикатот рекоа дека немаат бројка, бидејќи, од отпуштените работници има и такви кои работеле непријавени во Завод за вработување, односно на црно. Оттука, тие тврдат дека се најзагрозена гранка на дејност во секој поглед.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, на последната прес конференција информираше дека, во засилена контрола на почитувањето на протоколите од страна на кафетериите и угостителските објекти, на инспекторите од ДПИ, ќе се придружат и инспектори од финансиската полиција, кои имаат право да легитимираат лица, кои подоцна би можеле да бидат и сведоци во поведени кривични постапки во случај на прекршување на протоколите. 

Истовремено, на Водно секоја вечер се случуваат забави на отворено. Редици коли, полни со млади луѓе и алкохол и за нив нема никакви протоколи. Полицијата контролира и изрекува казни, но државата нема начин како да го спречи ова групирање. Се чини дека за бизнисот важат едни стандарди и протоколи, а за во реалноста е друг начин на фунционирање.

Во соседните балкански земји веќе денскиот и ноќен живот е вратен во нормала. Главниот град на Србија е пример каде веќе кафеаните, кафулињата и дискотеките работат во полна пареа и граѓаните се забавуваат до раните утрински часови.