Училниците ќе се испразнат, а Македонија можно е да остане со помалку од милион жители

Македонија се соочува со демографската рецесија која трае веќе над седум децении. Сѐ помалку деца се раѓаат во земјава. 

- Во 1950-та година па до денес, бројот на родени деца постојано опаѓа. Во 1950-та имало над 50.000 новородени бебиња, во 2024-та имаме само околу 16.000 новродени бебиња. Кога овие деца ќе одат во прво одделение значи дека ќе имаме околу 150 училници празни, 250-300 наставници ќе останат без работа. Тоа е резултатот од оваа рецесија, порача вчера премиерот Христијан Мицкоски. 

Многудетните семејства, посочи Мицкоски, мора да биде прв приоритет на оваа и сите следни Влади.

- Според последниот попис сме нешто над 1,8 милиони жители. Имаме над 700.000 редовно вработени и околу 350.000 пензионери. Реално присутно население според сите проценки не надминува 1,5 милиони. Можеби ова во следните 10-15 години ќе биде предизвик, но не со таа брзина ќе го почуствуваме сите. За 20 до 25 години тоа што ќе им го оставиме на тие генерации по нас ќе биде сериозен предизвик. Зошто? Зашто тогаш се плашам дека ќе бидеме држава со под еден милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер, еден вработен. Тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд, рече Мицкоски на вчерашниот настан Демографски трендови – Заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации.