Училиштата во Карпош подготвени за прием на ученици

Основните училишта во општина Карпош деновиве интензивно се подготвуваат за почеток на учебната година од 1 октомври.

Како што информираат од општината, поставени се насоки на движење, дезинфекциони бариери, креативни упатства, клупи на растојание, ново – адаптирани училници.

За да се привлече вниманието на најмладите, на учениците од прво, второ и трето одделение сите упатства се со воочливи бои и симболи кои стимулираат интеракција и следење на протоколите.

Во училиштата, овие денови се врши и обука на наставниот кадар за работа на националната онлајн платформа. Локалната самоуправа обезбедува и дополнителна ИТ опрема (компјутери, слушалки и камери) за наставниците, со цел наставата да се одвива без пречки.

Секое од училиштата има и просторија за изолација, во случај ученикот да развие симптоми на коронавирусот.

Секое училиште има обезбедено и повеќе влезови, пристапи кон училниците.