Учениците во Карпош и денес мрзнат, општината и МОН се препукуваат

Осум основни училишта во Општина Карпош и денеска ќе бидат без парно греење. Целиот проблем настана кога општината побара грејната сезона наместо да почне како и сите останати таа да се одложи до 1 ноември се со цел да се заштеди. Градоначалникот Јакимовски бара Владата да си го покрие долгот од 8.3 милиони денари додека министерката за образование и наука Весна Јаневска тврди дека парите за греење во училиштата се исплатени на сите општини.

Според Јакимовски, минатата година Општината издвоила шест милиони денари за децата да не останат без греење, затоа што, како што вели, Владата не сакала да ги плати сметките.

„Тоа што МОН не предвидело доволно пари од буџетот за училиштата во Општина Карпош е исклучиво одговорност на министерката. Не знам зошто ја префрла топката кај локалната самоуправа, прозивајќи ме мене дека „сум можел да се снајдам“. Овде не е потребно снаоѓање, овде е потребно министерката за образование да ги обезбеди парите за децата да можат да имаат нормално затоплување како сите деца во светот“, изјави вчера Јакимовски.

Јаневска очекува сите училишта да имаат греење. Таа е на став дека на општините им се исплатени блок дотациите, а на градоначалниците, школите и директорите им останува да се организираат, за да нема проблеми во однос на грејната сезона.

„Министерството за обарзование и наука (МОН) дава блок дотации до општините. Блок дотациите им ги исплативме на општините и нема што дополнително да даваме. На градоначалниците, училиштата и директорите е како ќе се организираат за да ја спроведат грејната сезона, така што ова не е прашање што треба да се упати до МОН“, изјави вчера Јаневска.