Учениците и пешаците исфрлени на улица

Цела пешачка патека им е одземена на жителите на општината Бутел. Едноставно ја снема, затоа што лимената ограда на приватниот инвеститор, кој гради на просторот на старите социјални бараки кај старата општина Бутел, е сосема поместена и поставена веднаш до велосипедската патека. Дури и сообраќајниот знак на кој јасно е претставено дека лево е велосипедската, а десно пешачката патека сега веќе не е на јавната површина, бидејќи со поместувањето на лимената ограда тој целосно е на просторот на градежната парцела на оној што гради. На левата страна на знакот има велосипед, а на десната мајка со дете. Но и мајките и децата сега се исфрлени на улица, бидејќи сосема им е одземена единствената пешачката патека по која граѓаните можеа да стигнат од едната на другата страна на општината или од пазарчето во Бутел до населбата Скопје Север. Наскоро, со почетокот на учебната година и учениците што се запишани во средното економско училиште „Арсение Јовков“ ќе немаат каде да се движат, а секојдневно ќе пешачат до таму и назад. За сите нив како пешачки простор останува левата страна на пешачкиот дел од улицата Бутелска, гледано кон пазарчето или коловозот од десно и велосипедската патека, по која движењето може да биде опасно. По неа често брзо возат велосипедистите, а сега и сопствениците на електричните тротинети. Тоа значи дека сега сите, и мајките и децата, како и учениците, се доведени во опасност ако си дозволат да се движат покрај лимената ограда од градилиштето. По должината на целата ограда, ниту од страната на булеварот Босна и Херцеговина ниту од страната на улицата Бутелска, нема табла на која е означено кој е инвеститорот, ниту пак што се гради и кој гради, што е сосема незаконски.

Во врска со ова, од службите на градот Скопје сметаат дека ако инвеститорот постапува незаконски, тогаш може да биде казнет. Но, како што е познато, градежната дозвола за изградба на објектот ја издава општината, во случајов општината Бутел, а градот таму нема ингеренции. Оттаму објаснуваат дека две приватни фирми градат нов трговски центар и две станбени згради, а инвеститорот побарал и добил дозвола за поместување на лимената ограда.

– Градежните дозволи за изведба на објекти ги издава соодветната општина, а во истата таа се наведени и локациите каде што може да се изведуваат градежните работи. Доколку инвеститорот не се придржува до парцелата и условите за изградба, како и до правилата за комунален ред, тогаш истиот тој може да биде санкциониран од соодветните инспекциски служби – велат од градот Скопје.
Од општината Бутел, пак, тврдат дека металната ограда е поместена само од безбедносни причини и со дозвола од градоначалникот.

– Минатиот викенд инвеститорот што гради трговски центар и две згради ме замоли да ја помести лимената ограда само од безбедносни причини. Во моментов се гради три ката надолу и бидејќи се можни одрони при овие изведбени работи, дозволив за два месеца додека се изведуваат овие зафати оградата да биде поместена за да не настрада некој пешак. Луѓето побараа и им излеговме во пресрет и токму затоа е оградена и пешачката патека. Поместувањето на оградата е само за метар и половина. Набргу оградата ќе биде повлечена назад, како што ќе мора да се повлече и во предниот дел од градилиштето поради проширувањето на булеварот Босна и Херцеговина. Објектот се гради веќе четири или пет години, а градат две приватни фирми – вели Велимир Смилевски, градоначалник на општината Бутел. Градоначалникот посочи дека досега никој од граѓаните не се пожалил за оградувањето на пешачката патека, но локални жители тврдат реагирале кај градежниците на градилиштето.

– Навистина не можев да сфатам како може цела пешачка патека некој да си ја огради, тукутака, да нема ние пешаците од каде сега да поминеме. Пред да се вратам назад на пешачкиот премин за да одам пеш од другата страна на улицата најверојатно и друг пред мене реагирал, па ги чув градежниците како меѓусебно се објаснуваат дека оградувањето е од безбедносни причини и дека движењето на сајлата од кранот на градилиштето не смее да биде надвор од лимената ограда. Поради потребите за сегашните изведбени работи била поместена оградата – раскажува жител на општината Бутел.

Бидејќи, како што вели градоначалникот, патеката нема да биде достапна за пешаците само два месеца, тоа значи дека учениците и сите други во овој период задолжително ќе мораат да се снаоѓаат, да не го користат овој дел за пешачење и за да бидат побезбедни ќе мора да ја користат пешачката патека од другата страна на сообраќајницата.