„Убиец!“ – родителите на загинатите деца во „Пулс“ со напад кон газдата Деко

Во судницата во „Идризово“ вчера продолжи судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. На претходното рочиште, тензиите во судницата ескалираа откако родители на загинатите реагираа на исказот на вештото лице и технички советник од областа на градежништвото Петре Русевски, кој беше предложен од првообвинетиот и сопственик на дискотеката, Дејан Јованов.

Русевски посочи дека закупецот на просторот не извршил градежни активности кои би можеле да се сметаат за реконструкција, туку градежно-занаетчиски работи и ентериерно уредување за потребите на дејноста.

По ваквиот исказ, во судницата реагираа родители на загинатите. Тие кон првообвинетиот упатија зборови „убиец“, по што судот побара дел од родителите да ја напуштат судницата.

Обвинителството претходно го заврши изведувањето на своите докази. Во постапката беа изведени 1.390 материјални докази, а беа сослушани 45 сведоци и пет вешти лица. Одбраната досега најави 244 сведоци.

Со предметот раководи судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.