Има нешто посебно во денот на Велигден, мирисот на домашните кифли, боите на јајцата што ги фарбаме со смеа и љубов, гласовите на оние кои ни се најблиски.
Photo by RDNE Stock project
Празниците како Велигден не се само денови во календарот. Тие се моменти на повторно враќање кон суштината — семејството, домот, љубовта што не се гледа, но секогаш се чувствува.
Додека сме млади, често ги земаме овие моменти здраво за готово. Се жалиме на чистењето, се расправаме кој ќе седне на масата и се смееме кога некое јајце ќе се скрши предвреме. Но, кога ќе бидеш далеку, кога празникот ќе дојде, а ти си на друг континент или во друг град, без топлината на мајчиниот глас или мирисот на домашната трпеза, тогаш ја разбираме убавината на тие мали, обични нешта.
Семејството не е совршено. Често не се согласуваме, често си викаме еден на друг, но најтопло е дома. Тоа е нашето прибежиште. Нашето „дома“, каде што секогаш можеш да се вратиш, без разлика колку далеку си отишол.
Велигден е потсетник. Потсетник дека највредното во животот не е она што го имаме, туку оние со кои го споделуваме. Тоа се рацете што нè држат, срцата што нè разбираат, и погледите што велат „добредојде“ без да изустаат збор. Тоа се насмевките кои ни кажуваат дека припаѓаме некаде.
Кога сме далеку, стануваме свесни дека семејството не е само обврска, тоа е нешто свето. Не може да се замени, не може да се заборави. Може само повеќе да се сака, секоја година, секој Велигден, сè повеќе.
Затоа, ако си дома, прегрни ги најмилите. Ако си далеку, јави им се, напиши им порака, испрати љубов.
Затоа што, на крајот на денот, најголемата радост не е во јајцата што не се скршиле, туку во срцата што останале поврзани, во љубовта која е споделена низ храната.
Христос воскресе. Да се радуваме заедно — блиску или далеку, но секогаш во љубов.