Уапсени три лица кај Дојранско, пронајдени седум лица мигранти од Сирија

Кај место викано „Аниште“, во близина на крстосница за дојранското село Фурка, синоќа во 22.20 часoт, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Стар Дојран“ ги лишиле од слобода Т.В.(38) од Скопје, Л.А.(66) од Радовиш и П.С.(45) од Радовиш.

При контрола во возило „мазда“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Т.В., информираа денеска од МВР, биле пронајдени седум лица мигранти од Сирија. Возилото „фолксваген поло“ со радовишки регистарски ознаки, кое го управувала Л.А., а сопатник бил П.С., служело како претходница.

Мигрантите биле спроведени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија, а трите лица биле приведени во Полициската станица Гевгелија.

За настанот бил запознаен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.