Уапсена 42-годишна жена која вчера удри пешак и избега од местото на настанот

Полицијата вчера експресно ја уапси жената која удри пешак со своето возило и избега од местото на настанот без да укаже помош на повреденото лице.

„Вчера во 17.30 часот во Скопје од страна на полициски службеници од СВР Скопје е пронајдена и лишена од слобода С.В.М.(42), затоа што на 31.01.2025 околу 14 часот на крстосница од бул. „Кузман Јосифоски Питу“ и ул. „Бојмија“ со патничко моторно возило „цитроен“ удрила во пешакот А.М. (38) од Скопје и го напуштила местото на настанот без да укаже помош на повредениот“, се вели во соопштението на полицијата.

Од МВР посочуваат дека А.М. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ каде му се констатирани телесни повреди. По наредба на јавен обвинител С.В.М. е задржана во полициска станица и против неа ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.