Уапсен скопјанецот кој оштети 11 гробни места на гробиштата во Бутел

Полицијата го приведе лицето осомничено за сквернавење на гробни места на Градските гробишта Бутел, откако претходно беше пријавено дека со метален предмет оштетил 11 гробови.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, на 13 јуни во 17:50 часот на подрачјето на Шуто Оризари, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода К.К. (24) од Скопје.

Скопје Инфо претходно објави дека вработен во Градските гробишта Бутел пријавил како едно лице со метален предмет оштетува гробни места во гробиштата, по што избегало од местото на настанот.

„На 12.06.2026 во 17:00 часот во СВР Скопје, вработен во Градските гробишта Бутел пријавил дека го забележал К.К. како со метален предмет оштетил 11 гробни места и побегнал од местото“, соопшти МВР.

По преземени оперативни мерки, осомничениот бил пронајден и приведен во полициска станица.

Од полицијата информираат дека по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.