Туристички аранжмани за сечиј џеп - Може да се одмори и прошета и за 180 евра два дена

Со оглед дека на почетокот на претстојниот месец декември има продолжен викенд туристичките агенции ги објавија понудите за тури надвор од земјава.

Стандардно, понуди има за соседните земји, традиционално Истанбул, понуди за бањи во соседна Србија и Бугарија, но и организирани тури низ популарните европските туристички дестинации.

Солун, Атина, Сараево, Белград, Нови Сад, Будва, Дубровник, Софија, Банско, Букурешт или Будимпешта се стандардните поблиски дестинации кои се и поевтини.

За соседните земји аранжманите се движат од 120 до 180 евра за два до три дена во кои е вклучен автобускиот превоз, и ноќевањата најчесто со појадок. За во Банско, соседна Бугарија или некои од бањите и спа-центрите во соседна Србија може да се најдат понуди за 180-200 евра за две лица за две ноќевања.

Кај поскапите аражмани интересот е поголем за градовите со божиќни пазари како во Виена и Прага, но се бараат и Венеција, Милано, Рим, Париз, Барселона, Дубаи...

Понуди има и за на Малдивите и Занзибар за каде цените се движат и од 1500 евра по лице за пет до седум дена. 

Обично, во цените на туристичките аранжмани е вклучена придружбата на туристичкиот водич, но сите излети и екскурзии дополнително се доплатуваат. 

Туристичките агенции се преплавени и со понуди на попуст за дочекот на новогодишната ноќ.