
Турски државјанин е лишен од слобода откако полицијата во товарно возило со косовски регистарски ознаки пронашла поголема количина кожен материјал за кој постои сомнение дека е предмет на криумчарење.
Според информациите од МВР, вчера околу 16:15 часот, мобилен тим од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграција, на патниот правец Куманово – Крива Паланка, сопрел товарно возило „Мерцедес Бенц“ со косовски регистарски таблички.
При контролата било утврдено дека возилото го управувал Т.Б.К. (26) од Турција, а при прегледот на товарниот простор биле пронајдени шест вреќи со вкупно 49 парчиња кожен материјал, со површина од околу 177 квадратни метри.
По насоки на дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово, лицето е лишено од слобода поради сомнение за сторено кривично дело по член 278-б од Кривичниот законик – „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“.
Осомничениот е задржан во Полициската станица Куманово, а надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.