Три смени на настава - секојдневен хаос во градинката „Снежана“ во Чаир

Во градинката „Снежана“, во скопски Чаир, во текот на денот се одржуваат и три смени на настава за учениците од првото одделение. Тие иако се ученици од основното училиште „Исмаил Ќемали“ не учат во својот објект зашто матичното училиште нема доволен и соодветен простор за нив, пренесува Алсат.

Решавањето на овој проблем, според новата директорка на училиштето „Исмаил Ќемали“ е проширување на училишниот објект и со уште 8 други училници.

„Ние сме доведени во ситуација да работиме и по три смени во прво одделение, бидејќи имаме само две училници и шест паралелки. Значи, училниците имаат по 30 ученици. Висар Ганиу вети и рече дека ова училиште ќе го има како приоритет за доградба на уште осум училници во дворот на училиштето. Мислам дека одделенијата кои се во градинката треба да ги земеме и да направиме три училници”, рече Бурбуче Имери, директорка на ОУ „Исмаил Ќемали“.

Од Општина Чаир имаат информации за хаосот. Велат дека министерот за образование веќе го испратил проектот за проширување на овој училишен објект – се очекува градежните работи да почнат во март следната година.

„Со тој проект се предвидени осум нови паралелки, нешто што ќе го олесни актуелниот проблем.Општина Чаир очекува со усвојувањето на проектот да го реши овој проблем кој долго време се провлекува, а врз кој влијаел и растот на населението во Општина Чаир”, изјави Куштрим Ала, Општина Чаир.

Основното училиште „Исмаил Ќемали“ моментално има рекорден број на ученици споредено со својот капацитет. Учат 1.468 ученици, а училиштето има простор за околу 650 ученици.