„Три сестри“ во Македонскиот народен театар е претстава во која гледачот поминува значително време, цели три часа, но во ниту еден момент, тоа време не го чувствува како товар.

Од првата сцена со првиот роденден, до последните минути, вниманието останува на сцената, затоа што приказната не се движи само преку она што ликовите го кажуваат, туку и преку она што го премолчуваат, го посакуваат и не успеваат да го променат.
„Три сестри“ е создадена по мотиви од истоименото дело на Антон Павлович Чехов, но она што го гледаме на сцената не е класична поставка на неговиот текст. Авторите Васил Христов и Нела Витошевиќ, со драматургијата на Викторија Рангелова-Петровска, тргнуваат од Чехов и неговите ликови, но создаваат современа сценска приказна. Дел од мотивите, односите и структурата се препознатливи, но јазикот, ритамот и начинот на кој ликовите се соочуваат со своите проблеми ја носат претставата во денешното време.
Кај Чехов, трите сестри сонуваат за Москва. Москва е нивната далечна точка на надеж, местото во кое веруваат дека би можеле повторно да бидат среќни и дека животот би добил поинаков тек. Во оваа претстава таа желба за заминување станува поширока.
Гледајќи ја претставата, со текстот кој е адаптиран на нашето денешно современо живеење, веројатно секој присутен во салата си го поставува прашањето: Каде одиме, но и од што сакаме да избегаме? За некого тоа е бегство од сопствениот живот, од разочарувањата, од луѓето со кои сме останале и од верувањето дека вистинскиот живот допрва треба да започне.
Зад сите овие односи стои и една заедничка траума — загубата на родителите. Таа е присутна низ целата претстава и иако секој од ликовите различно се носи со неа, таа загуба е главната нишка што го држи семејството заедно. Олга ја презема улогата на онаа која се грижи за сите, Андреј се обидува да продолжи по својот пат, Ирина сè уште гледа кон иднината со младешка надеж, а Маша својата болка ја носи низ сарказам, лутина и иронија. Нивните различни реакции покажуваат и колку различно луѓето можат да ја носат истата загуба. Секој од нив се обидува да продолжи, но минатото постојано се враќа во нивните разговори, во нивните односи и во начинот на кој го доживуваат домот.
Во тој дом посебно место има и црешата во дворот, која често се споменува низ претставата. Таа станува дел од споменот за семејството и за времето пред загубата, нешто што останало таму додека луѓето се промениле. Додека сестрите и Андреј зборуваат за заминување и за друг живот, црешата останува како потсетник дека постои нешто што ги врзува со местото од кое сакаат да тргнат.

Претставата започнува со роденденот на Ирина, која ја игра Дарја Ризова. Таа уште во првите сцени внесува една специфична енергија и постепено нè воведува во светот на сестрите. Ризова е особено убедлива во оваа улога, бидејќи во Ирина внесува детски дух, искрен оптимизам и онаа леснотија со која на 22 години веруваме дека животот допрва е пред нас. Ирина како да нè тера да го разбудиме детето во себе и да се сетиме какви луѓе сме биле на тие години — што сме очекувале од животот, во што сме верувале и колку лесно сме замислувале дека најдоброто допрва доаѓа. Но во исто време, нејзиниот лик може да го разбуди и циникот во нас, оној кој денес гледа од поинаква перспектива и си вели дека времето ќе покаже што навистина носи животот. Ирина е млада, полна со очекувања и со верба дека животот пред неа допрва ќе се отвори, тоа е чувство што Ризова го пренесува толку уверливо што публиката не останува само нем набљудувач, туку лесно се препознава во нејзиниот оптимизам, љубопитност и верба дека најдоброто допрва доаѓа.

Верица Недеска како Олга ја носи зрелоста и заморот на жена која долго време се обидува да го одржи семејството заедно. Нејзината игра внесува една нежна, сила која е видлива, но ненаметлива, но носи и тежина што се чувствува во секој нејзин поглед и движење. Во нејзиниот израз ја препознаваме најстарата сестра — онаа која се грижи за другите, која презема одговорност и која долго време ги става туѓите потреби пред своите. Но зад таа грижа стои и чувство дека годините поминале побрзо отколку што очекувала и дека за некои желби можеби веќе е предоцна. Недеска успева Олга да ја направи и силна и ранлива во исто време, како жена која продолжува да стои исправено и тогаш кога веќе чувствува дека животот ја изморил.
Дамјан Цветановски како Андреј носи поинаква енергија во семејството. Тој не е оптимист во класична смисла, но во него има веселост и една искрена убеденост дека сè уште може да го промени текот на сопствениот живот. Наместо да го следи патот што за него го замислувал неговиот татко и да продолжи кон постдокторски студии, Андреј избира да се ожени со Наташа, жената која му е драга, иако неговите сестри не ја прифаќаат. Цветановски убедливо го доловува тој момент кога конечно ја презема контролата врз својата судбина, без да знае дека една одлука може да го промени не само неговиот живот, туку и односите со оние што му се најблиски.

Нина Деан како Наташа носи поинаква енергија во претставата. Ова можеби не е една од нејзините најсилни улоги, но нејзиното присуство на сцената внесува динамика и немир во семејството. Со доаѓањето на Наташа, и онака нарушените односи меѓу сестрите и Андреј стануваат уште покомплицирани, а Деан одлично ја доловува жената која полека менува одредена динамика во семејството.

Благој Веселинов, Емил Рубен и Ивица Димитријевиќ со своето актерско искуство носат силно присуство на сцената и дополнително ја збогатуваат претставата. Нивните монолози се меѓу моментите што го забавуваат сценскиот ритам, но отвораат простор за размислување за пропуштените шанси, изборите што сме ги направиле и животите што можеле да бидат поинакви. Младиот Антонио Ташковски, од друга страна, носи свежина и оптимизам, а неговата искрена и несебична љубов кон Ирина внесува топлина во приказната и претставува спротивност на разочарувањата што ги носат другите ликови.

Но, ако една актерска интерпретација особено останува со публиката, тоа е Наталија Теодосиева како Маша. Маша е лик кој не можете едноставно да го сакате или да не го сакате. Таа е сложена, ранлива, саркастична, лута, несреќна и истовремено очајно жедна за нешто што ќе ја разбуди од животот во кој се чувствува заробена.
Наталија Теодосиева успева сето тоа да го донесе на сцената без да ја поедностави Маша. Нејзината болка не е гласна во секој момент. Таа се појавува во погледите, во начинот на кој стои, седи или пуши цигара, во паузите меѓу зборовите, во наглите промени на расположението. Гледачот постепено се приближува до неа и почнува да разбира дека зад цинизмот стои нешто многу покревко. Има нешто особено силно во начинот на кој таа ја игра Маша, Наталија не прави обид да нè натера да ја оправдаме, но постепено, низ секоја минута, ни дозволува да ја видиме. Но, кога ќе ја видите, станува тешко да останете целосно надвор од нејзиниот свет.
Од сите ликови, Маша најдолго остана со мене и по завршувањето на претставата. Во деновите потоа неколкупати разговарав за неа, што веројатно е добар показател дека Наталија Теодосиева успева да создаде лик кој не завршува со последниот аплауз. Интересно е што мојот впечаток беше сосема различен од оној на мој пријател, кој ми рече дека Маша на моменти му била смешна. Токму таа разлика ми се чини важна од оваа перспектива. Маша не е поставена како еднозначно трагичен лик, а Теодосиева не ја игра само низ болката. Во нејзината интерпретација има сарказам, иронија, нервоза и моменти на комичност. Кај мене преовлада токму таа страна од ликот — жената која гледа дека животот не се одвива онака како што замислувала и која низ иронијата се обидува да се справи со сопственото разочарување. Теодосиева е особено силна затоа што не му ја наметнува на гледачот Маша како „жртва“; остава простор сами да одлучиме дали во неа ќе видиме трагедија, иронија или нешто од двете.

Сите актери функционираат како дел од една целина. Тоа е важно, бидејќи „Три сестри“ не е само приказна за три жени, туку приказна за едно семејство, за односите што со години ги носиме со себе и за начинот на кој туѓите одлуки, стравови и разочарувања стануваат дел од нашиот живот. Претставата не го става Чехов на сцената и не ни дозволува само да гледаме што пишувал еден голем автор пред повеќе од сто години.
Го зема неговото прашање и го враќа меѓу нас
Што ако животот што го чекаме никогаш не започне?
Што ако постојано зборуваме за заминување, промена, љубов, нов почеток и подобро утре, а во меѓувреме годините минуваат?
Кај Чехов, сестрите сакаат да одат во Москва. Денес, луѓето имаат други „Москви“. Друг град, друга земја, друга работа, друга врска, друг живот. Но чувството е исто: верувањето дека таму некаде, малку подалеку од местото на кое сме, нè чека животот што отсекогаш сме го посакувале.
фотографии: МНТ