Три нови странски инвестиции во ТИРЗ, од кои една во Скопје

Продолжува трендот на пораст на економската активност во Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) и во август, трендот е стабилен и очекувам да продолжи и до крајот на годинава. Вкупното ниво на нови странски инвестиции кои се веќе договорени, потпишани или се во процедура на одобрување во Влада е близу 160 милиони евра. Предвидено е да се отворат над 2.500 нови работни места и очекуван нови извоз кој ќе се генерира од тие инвестиции во наредните 10 години од близу три милијарди евра, порача денеска директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски. 

Број на вработени во ТИРЗ во август 2021 година во споредба со ланскиот август, посочи, бележи пораст од 7,35 отсто.

-Трендот на пораст и кај бројот на вработени е евидентен. Компаниите со кои веќе имаме потпишано договори имаат обврска да отворат 7.000 работни места и настојуваме овој тренд дополнително да се засили во периодот што следи и до крајот на 2022 година во ТИРЗ да работат  околу 20.000 вработени во кои не влегува бројот на вработени што ги планираат инвеститорите со кои сега се преговара и со кои годинава се склучени договори, рече Деспотовски.

Најави три нови странски инвестиции во ТИРЗ за кои, како што рече, Владата веќе успешно ги има затворено разговорите со инвеститорите, во вредност 54 милиони евра и отворање на нови 680 работни места, со проектирани вкупни приходи од 850 милиони евра на компаниите кои би ги оствариле во наредните 10 години и проценка на поврат од инвестицијата од 55 милиони евра од овие компании за државата.

-Една од овие инвестиции ќе биде во Штип, една во Скопје и една  која е веќе лоцирана во Кичево и станува збор за проширување на капацитетот. За овие инвестиции разговорите се веќе завршени и усогласените договорите се веќе испратени во соодветните институции. Заедно со овие три нови странски инвестиции од почетокот на годината вкупно имаме 160 милиони евра нови странски инвестиции и над 2.500 нови работни места, рече Деспотовски.