Кога мислиме на личниот раст и развој, секој од нас има различни начини на кои ја гради својата среќа.
Но, постојат одредени митови кои ни ја уништуваат среќата и ни носат стрес и вознемиреност.
Мит 1: Само позитивни мисли
Грешно е мислењето дека секогаш треба да бидеме расположени и среќни. Тоа едноставно е невозможно, велат психолозите. Секако, треба да веруваме во себе, да бидеме оптимисти и да размислуваме позитивно, но тоа не значи дека треба да ја игнорираме тагата.
Кога ќе ни дојдат тешки емоции, соодветно е да се соочиме со нив. Важно е да сфатиме дека и такви ситуации и чувства се дел од нашиот живот и дека тоа е сосема во ред. Тоа не значи дека лошото чувство ќе остане со нас засекогаш, туку само дека е тука, во нас, во тој момент. Секако не треба да дозволиме да бидеме тажни или вознемирени со недели и месеци, но кога имаме лош момент или лош ден, треба да го прифатиме тоа и да си кажеме дека утре ќе биде подобро.
Мит 2: Никој не може да ни помогне освен ние самите
Ова е само делумно точно, бидејќи за почеток, важно е самите да сакаме да ја смениме ситуацијата во која се наоѓаме. Но, тоа не значи дека треба самите да минуваме низ одреден тежок процес или решавање на некој проблем. Постојат експерти за тоа, но имаме и пријатели на кои секогаш можеме да се потпреме и да споделиме како се чувствуваме.
Иако одлуката е наша и наше е што ќе прифатиме, а што ќе отфрлиме, сепак постојат многу начини на кои можеме да го подобриме своето патување кон среќата.
Мит 3: Постои магично решение за тоа како да бидеме среќни
Многу луѓе мислат дека нивната ситуација или состојба ќе се смени магично ако се смени само еден дел од нивниот живот, но тоа не е точно. Мислиме дека купување на автомобил или стан ќе ни ја донесе среќата која долго сме ја чекале, но човечката психологија е таква, што потоа сакаме нешто повеќе.
Среќата не е постојана состојба, не можеме постојано да бидеме среќни, но можеме да изградиме навики кои ќе ни помогнат да се чувствуваме среќно, задоволно и исполнето во текот на денот.