Тренчевска: Предлогот за 10-процентно зголемување на платите е добар, СОНК треба да го прифати

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска смета дека Владата понудила добар процент на зголемување на платите за вработените во образованието и во детските градинки и оти СОНК требало да ја прифати понудата, а наставниците, професорите, негувателите и воспитувачите да се вратат во интерес на децата, нивното згрижување и образование. Одбивањето на понудата, вели таа, е уцена и грижа на Синдикатот за сопствените интереси, а не за интересите на децата.

- Децата веќе втора недела се надвор од градинките што е неприфатливо имајќи предвид дека уставно право на секое дете да има обезбеден пристап до претшколско образование. Решението што го понуди Владата за 10 проценти поголеми плати за воспитувачите и за негувателите, вклучително и за образованието за наставниците, значи просечно 2.500 денари зголемена плата за воспитувачите и 2.000 денари зголемена плата за негувателите. Ако го земеме процентот на зголемување на платите од крајот на 2019 кој изнесува 21 отсто и овие 10 отсто, тоа се 31 отсто зголемување на платите на воспитно згрижувачкиот кадар во детските градинки што сметам дека е добар процент на зголемување на платите особено имајќи предвид денес со економската криза, ценовните кризи, ковид кризата – рече Тренчевска.

Ваквиот предлог, додаде таа требаше да биде прифатен од СОНК, да се вратат наставниците, професорите, воспитувачите и негувателите на работа, да започне за учениците наставата, за малите деца од претшколско образование, згрижувањето и воспитувањето на децата во детските градинки.

- Навистина неприфаќањето на таквото решение не претставува ништо друго туку уцена, грижа за личните интереси на СОНК, а не за интересите на децата и на учениците – рече Тренчевска во одговор на новинарско прашање по посета на Дом за стари лица во Струмица.

Во врска со тоа кои мерки можат да бидат преземени таа вели дека останува можноста да се најдат заменски воспитувачи и негуватели во градинките.