Тренчевска: Помошта од 1.000 денари ќе се исплаќа на трансакциските сметки на пензионерите

Помошта за пензионерите и за примателите на гарантирана минимална помош ќе биде исплаќана директно на трансакциските сметки, а не со ваучери. Со владината одлука околу 330.000 пензионери и 36.000 домаќинства приматели на гарантирана минимална помош ќе земат дополнителни 1.000 денари за март, април и мај, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

На гостувањето во централниот дневник на телевизија Сител, Тренчевска рече дека очекува измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што поскоро да ја поминат собраниската процедура за да може помошта да биде исплатена според најавеното темпо.

– Нема да има ваучери, туку по 1.000 денари во наредните три месеци пензионерите ќе добиваат на своите трансакциски сметки, заедно со исплатата на пензиите. Овие финансиски средства ќе можат да ги искористат за купување на прехранбени производи, за сметките за струја или за нешто друго. За да стасаат парите што поскоро и до граѓаните кои се приматели на гарантирана минимална помош, исплатата по 1.000 денари во наредните три месеци исто така најверојатно ќе се изврши преку трансакциските сметки, заедно со исплаќањето на правото на ГМП, рече Тренчевска.

Министерката додаде дека околу 36.000 домаќинства ќе добијат дополнителни 1.000 денари, како дел од пакетот од 26 антикризни мерки.

Тренчевска информираше и дека во моментот 10.028 граѓани во земјава се приматели на „социјална пензија“.

– Со реформите во социјалната заштита од 2019 година, го воведовме правото на социјална сигурност за стари лица, популарно наречена социјална пензија. Ова право го користат  граѓаните кои на било кој начин не остваруваат право на пензија, а се материјално необезбедени. По навршувањето на 65 години, овозможивме овие лица да се стекнат со правото за социјална пензија. Ова право кое изнесува 6.317 денари,  во моментот го користат 10.028 граѓани во државата, наведе Тренчевска.