Тренчевска: Пари ќе има и за исплата на пензии и за плати

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска гостуваше во Телевизија 24, каде посебно се осврна на исплатата на пензии и плати. 

Таа рече дека согласно новата методологија, усогласување на пензиите ќе има два пати во годината.

„Пензионерите ги добија септемвриските пензии, зголемени за 6.8% и согласно новата методологија, усогласување на пензиите ќе има два пати во годината, септември и март. Целта на ваквото решение е воспоставување на систем за постојан раст на пензиите. Во бројки пензионер со просечна пензија во август 16.376 денари, во  септември добил  17,490 денари, споредно со јуни 2017 година, тоа е околу 3500- 4000 денари повеќе пари на сметката на секоја пензионер“ рече Тренчевска.

Ги увери граѓаните дека исплатите ќе бидат континуирани.

„Граѓаните да бидат спокојни, пари ќе има и за исплата на пензии и за плати“, рече Тренчевска. Посочи дека средства за исплата на пензии, плати и надоместоците за социјална и детска заштита, се предвидени во Буџетот. Министерката информираше и дека е веќе разговарано со здруженијата за пензионери и за зголемување на минималната пензија. 

Таа потсети дека, со јануарското усогласување на пензиите од 2.9% и заедно со 6.8% за месец септември, оваа година пензиите пораснале за 9.7 %. Како и дека 330. 000 пензионери добија и финансиска поддршка од 3000 денари за полесно справување со економска криза.