Треба ли да го следиме примерот на Чешка или на зима ќе јадеме воздух за да платиме струја?

Синдикалната кошничка во нашата земја ги надминува просечните примања на македонските граѓани,  електричната енергија е поскапена, а на сила стапуваат и мерки за штедење, па како ќе се преживее зимата и кризата? Треба ли Македонија да го следи примерот на Чешка?

Ако до сега не слушнавте, премиерот на Чешка, Петр Фијала, вети дека поради поскапувањето на енергенсите ќе ги обесштети граѓаните преку станбен додаток, на сите чии комуналии надминуваат 30 отсто од приходите, а во Прага кога ќе надминат 35 отсто од приходите.

„Владата нема да дозволи никој да пропадне. Граѓаните ќе плаќаат најмногу 30 отсто од приходите за домување, во Прага 35 отсто, вклучувајќи ги сите плаќања за енергија. Сите трошоци над 30 отсто од приходот државата е спремна да ги плати“, рече Фијала, а пренесе телевизијата ЧТ.

Додатокот за домување во Чешка досега беше еден вид на социјална помош за најсиромашните семејства, а премиерот Фијала, со сегашната состојба, апелираше до граѓаните да не се срамат да го бараат, дури и оние кои до сега немаа право на овој додаток, па сега, со овогодишното зголемување на трошоците за енергија истиот да им биде неопходен.

Ќе може ли Македонија како држава и нејзините граѓани и домаќинства да ја издржат зимата која следува и сите кризи кои моментално постојат? Способно ли е едно македонско семејство, со просечна плата, да ги нахрани децата и да плати струја?