
Транспортен џамбо авион од типот „боинг 747“ на американската компанија „Атлас ер“ утринава слета на Скопскиот аеродром, објави СакамДаКажам.мк.
Авионот во Скопје долетал од воената база Довер на источниот брег на САД, а од Министерството за одбрана за СакамДаКажам.мк изјавиле дека транспортот бил наменет за потребите на Армијата.
Прекуокеански широкотрупни авиони како што е „боинг 747“ се ретки посетители на Скопскиот аеродром.
Иако Меѓународниот Аеродром Скопје не е типично опремен за прием на најголемите „џамбоџет“ авиони како што се „ербас“ А350, „ербас“ А330, или „боинг“ 787 и 747 поради должината на пистата и инфраструктурата, сепак, ова не е првпат големи летала да слетуваат тука.
Летоска за потребите на младинската Олимпијада што се одржуваше во Скопје, слетаа прекуокеанските „ербас А330“ на Туркиш ерлајнс на редовната линија од Истанбул, како и вонреден лет на „Етиопијан ерланјс„ од Париз со „боинг 787- дримлајнер“.
Четворомоторецот „747“, или како што го викаат „Кралицата на небото“ е поголем од овие широкотрупни авиони.
Инаку, „Боинг 747“ престана да се произведува во јануари 2023 година.