Денеска во Кривичниот суд сведочеше сведокот Гоце Трајковски кој прв го забележал „цитроенот“ на Панче Жежовски. Тој при сведочењето кажа дека тоа возило му паднало чудно зошто само тоа возело бавно.
„Ми падна чудно тоа што првите 5-6 коли поминуваа со 40-50 км на час, а „цитроенот“ многу чадеше и многу бавно возеше. Му реков на Саше дека колата ми е сомнителна, дека работи под саух и дека е тазе запалена, а и прозорците беа замаглени. Скриншотите ги препратив кај другарот во „Сејф сити“. По 3 часа ми се јави другарот од „Сејф сити“ и ми рече дека сум ненормален поради тоа што сум го нашол „цитроенот“. Тогаш ми кажа дека 3 дена го бараат тоа возило и дека е на исчезнат велешанец“, рече Гоце.
Пријателот од „Сејф сити“ му кажал на Гоце дека возилото припаѓа на исчезнато лице Панче Жежовски. Откако го пронашол на интернет забележал фотографија од автомобилот кој бил ставен на оглас.
„На снимката не се гледаше регистарскиот број. Тоа не е секојдневна кола, туку кола стара 50 години. Лесно е да ја забележат камерите и да ја снимат таблицата. Така пријателот сфатил дека тој „цитроен“ е на Панче. „Цитроенот“ кога се вклучува на Партизанска, вози 30 метри по третета лента кон „Силбо“. Доаѓа до дирекцијата на Лукоил, но се враќа во рикверц и минува на втората лента иако немаше потреба. Тогаш му реков на Александар „Види, како некој да му диктира на возачот да не вози на третата лента за да не може да го фатат камерите од дуќаните и да се измеша меѓу другите коли“ кажа Трајковски.
Додека гледале снимки кај Александар дома, на Гоце му се јавил некој инспектор од МВР и му рекол дека имаат осомничени лица од Велес, но да не му кажува на таткото на Вања за да не се испаничи. Александар го слушнал муабетот и подоцна му се јавил на инспекторот Музафер и барал веднаш да бидат уапсени осомничените велешани.
Тој додаде дека мајката на Вања, Зорица ја запознал откако исчезнала Вања. Трајковски посочи дека Зорица кажувала дека Алексанар е грижлив татко кој сакал да поминува повеќе време со неговите деца, па дури и дал отказ од работа.
„По смртта на Вања, Зорица живееше со моја братучетка која е мажена за прв братучед на Зорица. Зорица ми пишуваше дека е зачудена дека Александар бил вмешан во сето ова затоа што бил грижлив татко. Особено бил приврзан за Вања. Да кивнела, тој веднаш ја носел на лекар. Зорица дури ми кажа дека Александар има дадено отказ од работа само за да минува повеќе време со децата. Со Александар се немав видено 15-20 години, ама мислам дека никогаш не бил во финансиска криза оти е од имотна фамилија. И да му требале пари, ќе продал некој стан и ќе имал пари“, рече Гоце.