Трајановски: За максимум четири години треба да бидат завршени автопатите што ги градат „Бехтел и Енка“

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски во вчерашното издание на „360 степени“ на МРТ 1 кажа дека во наредните максумум четири години ќе бидат завршени автопатите од коридорите 8 и 10-д.

„Би можел да ви кажам сега во комуникација со „Бехтел и Енка“ и откако успеавме одредени процеси да ги откочиме, одредени неопходни работи да почнат да работат, веќе сме во предност. Прилеп - Битола некаде би требало да биде две до две и пол години, да речеме за три максимум да биде завршен. Слична е ситуацијата со Тетово - Гостивар, а Гостивар - Букојчани можеби една година плус. Така што, тоа ќе бидат роковите“,изјави Трајановски.

Дополнително, тој вели дека претходната влада бавно го работела процесот на експропријација и дека тој како нов директор за два месеца истуркал повеќе постапки отколку неговиот претходник.

„Ние наследивме состојба во којашто за една година, за сите делници, биле експроприрани 1 117 катастарски парцели. Откако сум јас дојден, ние имаме направено за два месеца 2 400 и нешто парцели односно 2 500“, рече Трајановски.

Според проектот, делницата Тетово - Гостивар изнесува над 17 км, Гостивар - Букојчани 30,3 км, Требеништа - Струга - Ќафасан се 22 км автопат, а Прилеп - Битола 40 км.