
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски информираше дека денес заедно со градоначалниците на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и Аеродром Дејан Митески бил извршен увид во градежните активности на санација на дел од регионалниот пат Р1106, делница Драчево-Долно Лисиче,
„Продолжуваме со активности во насока на подобрување на патната инфраструктура во и околу населените места, онаму каде што е потребна итна санација на коловозот. Една таква санација е потребна на регионалниот пат R1106, односно на делницата на потегот од Драчево до Долно Лисиче“, потенцираше Трајановски.
Тој додаде дека на оваа делница која е со променлива ширина од 5,5 до 6 метри потребна е изработка на тампонски слоеви, подигнување на шахти, асфалтирање и други придружни градежни активности кои веќе се отпочнати.
„Дополнително ЈПДП ќе започне со постапка за проектирање на овој регионален патен правец Драчево – Долно Лисиче – Јурумлери се со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот на сите учесници“, објави Трајановски на својот фејсбук профил.