Трајановски: Патот Градско - Дреново, доцни оти една година биле повлечени и вработените и механизацијата на „Страбаг“

Директорот на Јавното претпријатие за држави патишта, Коце Трајановски, на денешното обраќање по повод пуштањето на делницата Градско- Дреново кажа дека патот доцни една година со пуштање зошто биле повлечени и вработените и механизацијата на „Страбаг“.

„Во 2017 година е склучен договор со ’Терена скави’ од Италија меѓутоа со оглед на слабата реализација за само 3 години, по 30 и неколку проценти реализација, раскинат е договорот и во 2021 година е избрана фирмата ’Страбаг’ за изградба на оваа делница. До јуни 2024 година изграден е голем процент од овој пат, односно некаде од 80 отсто. Ја користам приликата да им се заблагодарам на сите оние кои учествуваа од идеја се до реализација на овие 80 отсто од овој експресен пат. Во јуни 2024 година морам да истакнам дека патот не беше завршен. По мојот избор за директор контстатиравме дека ’Страбаг’ една година беше повлечен од оваа делница поради нерешени финансиски проблеми и нерешени градежни и други технички проблеми. Скоро една година беа повлечени и вработените и механизацијата од оваа делница. Имаше тотален застој“, рече директорот Трајановски.

Проблемите ги надминале во септември кога повторно почнале градежните активности за довршување на останатите 20 отсто од експресниот пат за што Трајановски изрази низа благодарности на Владата , премиерот, министрите и градежниците.

Заедно со Градско – Дреново, во употреба беше пуштен и еден километар од патот Дреново - Фариш. Трајановски најави дека останатите девет километри од овој пат не се пуштени во употреба сега од безбедносни причини.