
Во духот на македонската традиција, патриотизмот и почитта кон илинденските идеали, Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978“ и оваа година ќе го организира 48. традиционален Илинденски коњички марш, еден од најзначајните симболи на одбележувањето на големиот државен празник 2 Август – Илинден.
И оваа година, коњаниците ќе тргнат од Горно Лисиче – Скопје кон славното Крушево, следејќи ја патеката што веќе речиси пет децении ја сведочи љубовта кон татковината, слободата и македонската историја. Маршот претставува жив споменик на хероите од Илинден и на идеалите врз кои е изградена современата македонска држава.

Подготовките се во завршна фаза. Коњаниците интензивно тренираат заедно со своите коњи и ги извршуваат последните подготовки за долгиот и исклучително тежок пат до Крушево – пат исполнет со предизвици, но и со чест, достоинство и силна љубов кон Македонија.
Годинава од Горно Лисиче ќе тргнат околу 40 коњаници, меѓу кои и пет девојки, кои со своето учество уште еднаш потврдуваат дека илинденскиот дух живее кај сите генерации.

Покрај маршот од Горно Лисиче, кон Крушево ќе се упатат и коњички маршеви од Свети Николе, Кичево и Битола, а сите учесници традиционално ќе се обединат на 31 јули, на влезот во Крушево, испраќајќи силна порака за национално единство, почит кон историјата и заедничко чествување на Илинден.
Свеченото започнување на 48. Традиционален Илинденски коњички марш ќе се одржи на 27 јули 2026 година, со почеток во 18:00 часот, во дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче.

Организаторите упатуваат покана до сите граѓани да бидат дел од свеченото испраќање на коњаниците и заедно да им оддадат почит на илинденците, чија жртва и визија остануваат темел на македонската државност.

Покровител на манифестацијата е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, генерален спонзор е Општина Аеродром, медиумски спонзор е Македонската телевизија (МТВ), а манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Илинденскиот коњички марш не е само патување до Крушево, тоа е патување низ историјата, низ спомените и низ вечниот завет дека слободата, достоинството и љубовта кон Македонија ќе продолжат да се пренесуваат од генерација на генерација.