Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска на прес-конференција, соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видео запис на кој јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Таа во изјавата навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад, но дополнително ќе се утврдува дали изјавата била дадена под присила. Сторителот, според министерот, не бил присутен кога полицијата ги прибирала изјавите.

„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам точното време, но сигурно е истиот ден“, рече Тошковски.

Според министерот, вчера околу 14:00 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жената која рекла дека не бара интервенција. Потоа таа се упатила кон станот на улицата „Теодосиј Гологанов“ во Карпош, каде се случила трагедијата. Со ќерката биле сами и заклучени одвнатре пред настанот. Сопругот е приведен и осомничен за наведување на самоубиство, нанесување тешки телесни повреди и загрозување на сигурноста.

Тошковски потсети дека против него во изминатите години биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога.

Министерот истакна дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на пријавите од жртвите.